
Теа Таировиќ хоспитализирана поради сериозна здравствена состојба – се огласи нејзиниот тим
Српската пејачка Теа Таировиќ е во добра здравствена состојба по итната хируршка интервенција на која била подложена во текот на ноќта, потврди нејзиниот ПР-тим. Веста за нејзината хоспитализација предизвика голема загриженост кај обожавателите, откако српските медиуми објавија дека пејачката била примена во болница поради сериозни здравствени проблеми. Според информациите што ги пренесе „Блиц“, по извршените лекарски прегледи било одлучено веднаш да се пристапи кон итна операција.
Истите извори наведуваат дека причината за интервенцијата било внатрешно крварење, поради што медицинскиот тим реагирал без одложување. Засега овие информации не се официјално потврдени од семејството или од лекарите.
По бројните шпекулации, со кратко соопштение се огласи и тимот на популарната пејачка, уверувајќи ја јавноста дека нејзината состојба е стабилна.
„Теа Таировиќ сега е добро. Не сакаме да откриваме детали за нејзината здравствена состојба. Таа лично ќе ѝ се обрати на јавноста штом ќе биде во можност. Ви благодариме за разбирањето“, соопштија од нејзиниот ПР-тим.
Во моментов не се познати дополнителни детали околу причините што довеле до хоспитализацијата, ниту пак колку долго ќе трае закрепнувањето на пејачката. Нејзините обожаватели во меѓувреме преку социјалните мрежи испраќаат бројни пораки со желби за брзо и успешно закрепнување, очекувајќи Теа Таировиќ наскоро лично да се обрати и да ја информира јавноста за својата здравствена состојба.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
