
По повеќе од две децении, „Љубовта е“ конечно ја добива својата целосна приказна
Постојат песни што се создаваат за миг, а постојат и такви што со години трпеливо го чекаат вистинскиот момент да ја раскажат својата приказна. Токму таква е „Љубовта е“ – композиција која, по повеќе од две децении, конечно го добива својот целосен облик.
Создадена веднаш по песната „Златни жици“, со која авторот настапил на изборот за македонски претставник на Евровизија, „Љубовта е“ уште тогаш била замислена како соработка со Мики Јовановски Џафер. Иако идејата била сериозно разгледувана и одржана работна средба, сплетот на околности направил песната да остане недовршено музичко поглавје.
Нејзиниот прв јавен живот започна дури во 2018 година, кога беше изведена на фестивалот „Макфест“. Тогашната фестивалска верзија, поради ограниченото времетраење, беше скратена за две строфи, а токму тие денес повторно се враќаат во композицијата, носејќи ја приказната онака како што првично била замислена. Џокси кој што всушност е и автор на овој музички проект, открива дека ова има и посебно емотивно значење за текстописецот Огнен Неделковски, кому тогашното кратење на текстот тешко му паднало.
„Со новата верзија ја враќаме целосната приказна на песната. Верувам дека сега секој стих повторно го добива своето вистинско место“, вели Џокси.
Во новото издание на „Љубовта е“ се приклучуваат Мики Јовановски Џафер и Дарио, а проектот е реализиран во соработка со Валентино Скендеровски и Томче Бојаџиески. Секој од нив внесува сопствена емоција и интерпретација, создавајќи современ звук, но задржувајќи ја суштината на композицијата.
Песната претставува дел од поширокиот проект „50 години живот со музика“, со кој Џокси ќе одбележи половина век творештво. Планот е во проектот да бидат вклучени дваесет домашни пејачи и инструменталисти, кои ќе интерпретираат по една негова композиција, давајќи им нов музички печат и свежа енергија.
Во рамките на истиот проект веќе се подготвува и следната музичка соработка. Станува збор за дует со Анета Љумаковска на песната „Капка капинаше“, која, како што најавува авторот, исто така носи своја интересна приказна, а нејзината реализација се очекува до крајот на годинава. Со новото издание на „Љубовта е“, една одамна започната музичка приказна конечно се заокружува – токму онака како што била замислена пред повеќе од дваесет години.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
