
Македонската култура блесна во Будимпешта: Преполни настани и силни емоции на есенското издание
Македонската музика, гастрономија и современа уметност повторно ја освоија Будимпешта. Од 23 до 26 октомври, есенскиот циклус на „Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026“ донесе четири дена исполнети со богата програма, голема посетеност и исклучително позитивни реакции од унгарската публика.
Манифестацијата започна со Деновите на македонска гастрономија, одржани на 23 и 24 октомври во ресторанот Yugo Resto-Bar, каде главниот готвач Слаѓан Стевковски, заедно со својот помошник Филип Тодевски, подготвија традиционални македонски специјалитети, претставувајќи го богатството на домашната кујна пред љубителите на добрата храна во унгарската престолнина.
Првата вечер беше дополнително збогатена со неформална средба со членовите на групата Скопје Виа, кои покрај дружењето со посетителите, изведоа и неколку песни во пријатна атмосфера, создавајќи вистински вовед во музичкиот дел од програмата.
Вистинската кулминација следуваше на 24 октомври, кога култниот брод-сцена A38 беше исполнет со љубители на музиката. Скопје Виа, предводени од актерката и пејачка Јана Стојановска и виртуозот на хармоника Мишел Трајковски, приредија концерт што, според организаторите, ги надминал сите очекувања. Со авторски композиции, но и впечатливи обработки на македонски и ромски песни, бендот ја крена публиката на нозе и создаде атмосфера што долго ќе се памети.
Концертната вечер ја отвори унгарскиот дуо Narun, составен од Гашпар Торпе и Бенце Бабчан, кои преку современи и медитативни интерпретации на унгарски и балкански народни мотиви понудија интересен музички вовед.
Особено голем интерес предизвика изложбата на македонскиот скулптор Никола Смилков, отворена на 26 октомври во културниот центар Balkan Heritage. Галерискиот простор беше исполнет до последното место, а бројни посетители останаа и надвор поради големиот интерес. На отворањето присуствуваа и голем број истакнати унгарски уметници и културни работници.
Организаторот Златко Панзов истакна дека „Деновите на македонска култура во Будимпешта“, кои се одржуваат од 2019 година, од година во година бележат сè поголем интерес кај унгарската публика и денес претставуваат препознатлив дел од културниот календар на Будимпешта. Тој најави уште побогата и поамбициозна програма за следното издание, изразувајќи благодарност до културниот центар Balkan Heritage за успешната соработка.
Инаку, Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 започнаа уште во мај и јуни со изложбата „Синило“ на Јелена Белиќ и промоцијата на албумот „Македонија“ на групата Будапесме, а ќе бидат заокружени во ноември со гостувањето на Елена Ѓорѓиовска, лекторка по македонски јазик во Букурешт. Таа ќе одржи предавање и ќе ја промовира поетската антологија „Мојата песна се фрла од мост“, додека студентите од Лекторатот по македонски јазик ќе настапат со музичко-поетски перформанс.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
